Стружани го знаат како професор по биологија, учениците како квалитетен човек кој освен што стручно го пренесува своето знаење, има неверојатна умешност да ги разбере децата во пубертет.
Нестор Јаулески ја остварува образовната мисија правејќи комбинација на професионалност и креативност, но вистинско време е да го запознаеме и во една сосема друга сфера.
Освен во науката, успешен е и во правењето накит во техника филигран.
Сосема суптилно и ненаметливо со своите вешти раце, создава уникатни прстени, ланчиња, обетки, белегзии, нараквици.
По вокација е инженер по биологија, а по душа вистински почитувач на старата македонска традиција кој докажува дека годините не се пречка да се учи нешто ново.
-Имав среќа да растам во средина каде традицијата во однос на облекувањето и носењето на накит можеби се задржала најдолго во Македонија, а со тоа и лично да ги знам последните мајстори кувенџии , воедно и нивните прекрасни изработки. Мислам дека несвесно бев фасциниран генерално од нашата традиција, а изработката на накит дојде како дел од сето тоа. За жал мајсторите во Струга и Охрид веќе беа во години и не можеа да ме обучуваат па техниката на филигран ја учев во Скопје во Дом на занаетчиите како дел од програмата за едукација на возрасни. Некои финеси ми ги покажа и г-дин Виктор Коркутоски за што сум му благодарен. Курсот во Скопје го изучував на 45 години. Човек треба да има волја, желба, трпение и секако треба да проба да си ги реализира соништата. Ете кај мене тоа успеа до некаде. Ги охрабрувам сите луѓе да не се откажуваат од тоа-порачува Јаулески.
Додава дека изработката на филигран е макотрпна работа, почнувајќи од топењето на среброто, изработката на разни профили на жици, леење, полирање на производите, патинирање и слично. Тоа што луѓето знаат да ја ценат рачната изработка, му дава уште поголем мотив да создава.
– Ме радува што има луѓе кои се подготвени да дадат поддршка на локалните бизниси, особено меѓу младите. Ме радува и тоа што се повеќе се охрабруваат да започнат со нови интересни идеи многу често успешни, соработката на локалните креативци исто е инспиративна. Сето тоа дава малку надеж дека се случуваат позитивни промени во свеста на граѓаните.-вели Нестор за Strugaonline.
-Изработките на нашите стари мајстори се волшебни и треба да се гордееме со нив. И кај новите генерации на филигранисти има одлични мајстори кои често веќе си имаат изградено свој препознатлив стил на работа. Инспирацијата доаѓа од секаде, природата околу нас, цветови, птици, инсекти, народниот вез, секако интернетот, социјалните мрежи, телевизија. Нема ништо лошо во прифаќање на глобалните трендови, но тоа не треба да биде по цена на откажување од напата традиција. -потенцира Јаулески.
Клучот за успех, според него, е искрената посветеност, упорноста и умешноста да сонуваме.
Изработките можете да ги погледнете на следниов ЛИНК
Strugaonline
Facebook Коментари