Лев банер Десен банер

Од 12 до 14 јуни во Охрид ќе се одржи јубилеен ИПА Вело викенд „На точак, Охрид и Струга да видам“

Во организација на Интернационална полициска асоцијација (ИПА) Охрид, од 12 до 14 јуни 2026 година во Охрид ќе се одржи јубилејното десетто издание на меѓународниот ИПА Вело викенд „На точак, Охрид и Струга да видам“. Централниот настан е традиционалната рекреативна велосипедска тура Охрид–Струга–Радожда, закажана за 13 јуни (сабота).

Стартот на турата ќе биде во 08 часот од градското пристаниште во Охрид, по што учесниците ќе возат по кејот, низ градските улици, а потоа по стариот пат кон Струга, долж брегот на Охридско Езеро, минувајќи низ живописните предели кај Калишта, хотелските комплекси и сè до туристичката населба Радожда.

Оваа велосипедска тура, која се одржува од 2016 година, има за цел да ја афирмира идејата за современо и безбедно велосипедско поврзување меѓу Охрид и Струга, како и продолжување на мрежата кон Радожда и Пештани. Организаторите нагласуваат дека ваквите иницијативи имаат големо значење за развојот на туризмот и велосипедизмот во регионот, кој се смета за еден од најатрактивните во земјава.

Од ИПА Охрид истакнуваат дека настанот е и обид за промоција на крајезерскиот регион како врвна вело-дестинација на меѓународната туристичка мапа, со потенцијал да привлече се поголем број домашни и странски посетители.

„Со ова упатуваме јасна порака до надлежните институции конечно сериозно да се заложат за изградба на безбедни велосипедски патеки. Во време кога многу држави градат велосипедски автопати, недозволиво е велосипедистите кај нас да се движат заедно со автомобили, автобуси и камиони, изложувајќи се на ризик. Не сакаме повеќе жртви на небезбедните патишта. Затоа ги повикуваме сите љубители на велосипедизмот да ни се придружат на 13 јуни, да создадеме масовна вело колона и да покажеме дека сме заедница која бара промени“, порачуваат од Интернационална полициска асоцијација (ИПА) Охрид.

Организаторите очекуваат голем број учесници од земјава и странство, вклучително и членови на ИПА, велосипедски клубови и рекреативци, кои заедно ќе испратат силна порака за подобра велосипедска инфраструктура и побезбеден сообраќај.

StrugaOnline

error: