Од понеделник ќе почне чистењето на устието и коритото на Црн Дрим во Струга

- Локални
1938

Во рамки на проектот Подобрување на управувањето со заштитените подрачја, финансиран од Европската унија, а го спроведува УНДП во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање, во понеделник, 31 август, ќе почне чистењето на наталожениот материјал на испустот на реката Црн Дрим и речното корито во Струга.  Оваа активност е неопходна за справувањето со загадувањето на Охридското Езеро што во последните неколку децении го предизвикува реката Сатеска со носење на наноси кои се штетни за езерото.

Со чистењето ќе се подобри пропусната моќ на коритото, ќе се зголеми капацитетот на собирањето на атмосферските води и  со тоа ќе се намалат и ризиците од поплави. Истовремено, со чистењето на делот кај пристаништето и трските, конечно, по долги години, во Струга ќе може да собраќаат и поголеми пловила и да се одвива бродски сообраќај со соседните градови и туристички населби.

Општина Струга се извинува на граѓаните и посетителите поради овие активности на почетокот од септември, но поради очекуваната дождовна сезона, итноста на чистење на коритото кое не е исчистено од изградбата наваму, овој период се наметнува како единствена и најдобра можност за реализација на овие активности.

Општина Струга апелира и до сите сопственици на пловни објекти кои се наоѓаат во делот на устието на реката, да ги преместат. Чистењето ќе почне во понеделник, 31 август.

Овие активности се дел од проектот за реконструкција на старото корито на река Сатеска, а се одвиваат во косултација и во соработка со  Министерството за Животна Средина,  Водостопанство на Македонија, Електростопанство на Македонија , Општина Струга, ХЕЦ Глобочица –Струга  и други партнери.

Strugaonline

Facebook Коментари