Одбележана Неделата на борба против срцевосадови заболувања во Струга
Во рамките на Неделата на борба против срцевосадови заболувања (21–28 февруари), денес, 27 февруари 2026 година, во просториите на Општинска организација Струга при Црвен крст на Република Македонија беше организиран едукативен настан посветен на превенција и здравствена заштита.
На настанот присуствуваа 15 негуватели од Општинската организација Струга, кои имаа можност да проследат стручно предавање од д-р Таулант Положани. Во рамки на средбата беа опфатени клучни теми поврзани со ризик-факторите за срцевосадови заболувања, мерки за превенција и значењето на редовните здравствени контроли, со посебен акцент на лицата од 30 до 55 години.
Дополнително, учесниците имаа можност за индивидуални консултации, како и за мерење на шеќер во крвта и крвен притисок. Настанот е дел од континуираните активности на Црвениот крст со цел подигнување на свеста за навремена превенција и грижа за кардиоваскуларното здравје.
Овој настан е уште еден пример за значењето на заедничката одговорност и активна едукација за здрав живот, поттикнувајќи го вниманието кон навремено откривање и третман на срцевите заболувања.
StrugaOnline

