Охридско-струшкиот регион добива модерен аеродром и нови авиолинии кон Европа
Охридско-струшкиот регион наскоро ќе добие целосно модернизиран аеродром, а паралелно се отвораат и нови можности за воздушно поврзување со европските дестинации. Вчера, заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, изврши увид во градежните активности за целосна реконструкција и проширување на аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид.
Станува збор за капитална инвестиција која со години беше неопходна за развојот на воздушниот сообраќај во регионот. Според надлежните, градежните работи се во завршна фаза, а за околу два месеци Охрид и Струга ќе добијат современ, функционален и значително унапреден аеродромски капацитет.
Модернизацијата на аеродромот се очекува да придонесе за подобрување на услугите за патниците, зголемување на капацитетите и создавање подобри услови за развој на туризмот и економијата во регионот.
Покрај инфраструктурните зафати, најавени се и две нови авиолинии што дополнително ќе ја зајакнат поврзаноста на Охрид со Европа. Станува збор за линиите Вроцлав – Охрид и Катовице – Охрид, кои ќе овозможат полесен пристап за туристите од Полска и поширокиот европски пазар.
Дополнителен поттик за оптимизмот претставува и пристигнувањето на првиот авион на една од новите линии, што се смета за јасен сигнал дека Охрид и Македонија стануваат сè поатрактивна и подостапна дестинација за туристи, инвеститори и деловни посетители.
Со модерниот аеродром и новите авиоконекции, Охридско-струшкиот регион отвора ново поглавје во развојот на туризмот и меѓународната поврзаност, создавајќи предуслови за поголем број посетители и нови економски можности.
StrugaOnline

