Лев банер Десен банер

Охридското Езеро ќе се пориби со 1,6 милиони единки охридска пастрмка

Околу 1,6 милиони единки од ендемичната охридска пастрмка годинава се планира да бидат пуштени во Охридското Езеро, што претставува зголемување за околу половина милион единки во однос на минатата година.

Информацијата ја соопшти заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Албрим Хоџа при посетата на Хидробиолошкиот завод во Охрид, каде што се запозна со процесот на вештачко размножување на охридската пастрмка и подготовките за претстојното порибување.

Хоџа, заедно со претставници на Државниот инспекторат за земјоделство, Мирко Укоски и Арбнор Арифи, ја посети установата и разговараше за активностите насочени кон зачувување на овој автохтон вид.

Од Министерството посочуваат дека заштитата и обновувањето на популацијата на охридската пастрмка остануваат меѓу приоритетите, имајќи го предвид нејзиното значење за природното богатство и биолошката разновидност на Охридското Езеро.

„Охридската пастрмка е едно од најголемите богатства на нашето езеро и нејзината заштита е наша заедничка одговорност“, истакна Хоџа.

Најавено е дека институционалната поддршка за вештачко размножување, порибување и заштита на охридската пастрмка ќе продолжи и во наредниот период, со цел зачувување на видот и неговата природна популација во езерото.

StrugaOnline

error: