Општина Струга се огласи во врска со најавите за штрајк на дел од превозниците кои вршат превоз на ученици
Општина Струга се огласи во врска со најавите за штрајк на дел од превозниците кои вршат превоз на ученици, посочувајќи дека станува збор за повеќегодишен долг кој не е создаден во периодот на актуелната локална администрација.
Од Општината информираат дека до нив пристигнало барање од превозници од неколку струшки села за исплата на долгот за превоз на учениците во основните училишта.
Според податоците на Општина Струга, вкупниот долг изнесува 3.432.000 денари, односно околу 55.000 евра.
Од локалната самоуправа велат дека долгот се акумулирал во текот на изминатите години и дека не е поврзан со осуммесечното работење на актуелната администрација. Дополнително, како што посочуваат, формално станува збор за обврска на училиштата, а не директен долг на Општината.
Сепак, поради тешката финансиска состојба во која се наоѓаат училиштата, Општината презела обврска да помогне во неговото подмирување.
„Од јануари оваа година, од општинскиот буџет се исплатени околу 1,4 милиони денари само за превоз на учениците во основните училишта“, информираат од Општина Струга.
Во своето соопштение, Општината ја обвинува претходната локална власт предводена од поранешниот градоначалник Рамиз Мерко за акумулирањето на долговите и за, како што наведуваат, прекубројните вработувања и неоправданите трошоци кои дополнително ги оптовариле буџетите на училиштата.
Од актуелната администрација велат дека состојбата денес се обидува да се надмине, а притоа упатуваат порака дека одговорноста за создадените долгови треба да се бара во периодот кога тие настанале.
„Долговите имаат име, имаат период и имаат одговорни“, порачуваат од Општина Струга.
Во меѓувреме, превозниците одржале средба со градоначалникот на Струга, на која било разговарано за актуелната состојба и можните начини за надминување на проблемот.
Од Општината велат дека целта е преку дијалог со превозниците да се дојде до решение и да се обезбеди непречено одвивање на превозот на учениците.
StrugaOnline

