Лев банер Десен банер

Општина Струга: Трасата на Коридорот VIII треба да поминува низ Струга

Општина Струга останува цврсто посветена на реализацијата на Коридорот VIII, оценувајќи го како стратешки проект од исклучително значење за локалниот, регионалниот и националниот развој.

По одржувањето на јавната консултативна средба за делницата Требеништа – Ќафасан, организирана на барање на компанијата Бехтел и Енка, од Општината посочуваат дека процесот бил проследен со сериозни недостатоци. Според нив, не било овозможено целосно информирање на јавноста, ниту пак бил обезбеден доволен простор за вистинска јавна дебата.

„Институционалниот став е јасен и недвосмислен – трасата на Коридорот VIII треба да поминува низ Струга“, нагласуваат од локалната самоуправа.

Од Општина Струга изразуваат подготвеност за активен ангажман и соработка со сите надлежни институции и стручната јавност, со цел изнаоѓање на оптимално решение кое ќе ги усогласи развојните потреби со стандардите на УНЕСКО.

Во рамки на јавната расправа биле отворени и прашања за постоењето на договор за реализација на проектот на територијата на општината, како и за роковите за негова реализација. Претставниците на надлежните институции потврдиле дека постои важечки договор со утврдени рокови.

Од Општината изразуваат очекување дека во најкус можен рок, во согласност со препораките на УНЕСКО и во координација со релевантните институции, ќе се дефинира јасна предлог-траса. Таа потоа ќе биде предмет на детална стручна анализа и широка јавна дебата.

StrugaOnline

error: