Отворен ден во СОУ „Нико Нестор“: Учениците ги претставија своите идеи, талент и практични вештини
Во СОУ „Нико Нестор“ вчера се одржа Отворен ден, на кој учениците имаа можност да ги претстават своите проекти, креативност и практични вештини пред посетителите, професорите и гостите.
Настанот беше исполнет со презентации, практични изработки и иновативни идеи од различни образовни насоки, при што учениците го покажаа својот талент, знаење и посветеност во работата.
Отворениот ден го посети и градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќура, кој имаше можност одблиску да ги проследи ученичките проекти и да разговара со младите за нивните интереси, идеи и идни планови.
Во разговорите со учениците, градоначалникот ја потенцираше важноста на стручните насоки и потребата од квалитетен стручен кадар во области како електроинженерство, гастрономија, архитектура и други професии кои стануваат сè побарани на пазарот на трудот.
Тој им посака многу успех, мотивација и нови знаења, нагласувајќи дека токму младите се иднината на општината и државата.
„Иднината треба да ја градите во својата држава и за својот град“, порача градоначалникот Ќура пред учениците.
Отворениот ден уште еднаш ја потврди важноста на средното стручно образование и улогата на младите во создавање современо и перспективно општество.
StrugaOnline

