Отворен повик во Струга: Се бара главен актер за филмот „Сè што беше приказна“
Започнува потрагата по ново лице за главната машка улога во претстојниот филм „Сè што беше приказна“, проект кој веќе го привлекува вниманието на локалната јавност. Минимал Колектив и ЛДА Струга упатија отворен повик до сите заинтересирани граѓани од охридско-струшкиот регион да се пријават на аудиција.
Филмот е во режија на Лидија Мојсовска, која заедно со Јаков Попоски го потпишува и сценариото. Проектот се реализира во рамки на пошироката иницијатива „Преку тишината“, а акцентот е ставен на автентичноста, при што кандидатите не мора да имаат претходно актерско искуство.
Аудицијата ќе се одржи денеска, 3 април, во просториите на Europe House Струга. Право на учество имаат мажи на возраст од 35 до 45 години.
Од продукцијата посочуваат дека се бараат кандидати со природен изглед кој одразува луѓе што работат на отворено – како во земјоделство, градежништво или сточарство. Познавањето на охридско-струшкиот дијалект се смета за предност, но не е задолжително.
Процесот на аудиција е едноставен и достапен за сите заинтересирани. Се состои од фотографирање и кратко видео интервју, без потреба од претходна подготовка. Организаторите нагласуваат дека сите снимени материјали ќе бидат користени исклучиво за интерни цели и нема јавно да се објавуваат.
Аудицијата се реализира со поддршка на проектот „Култура за развој“, финансиран од Владата на Швајцарија, а имплементиран од Хартефакт фонд.
Ова е можност за локалните жители да станат дел од филмска приказна и да го донесат својот автентичен глас на големото платно.
StrugaOnline

