Лев банер Десен банер

Јованка Миса со изложба посветена на 80-годишнината од раѓањето на Петко Шипинкаровски

Во рамките на 12. меѓународна манифестација „Струшки книжевни средби ’26“ и промоцијата на 21. јубилеен број на списанието за литература, култура и уметност „Бранувања“, на 20 септември во конгресната сала на хотел „Дрим“ во Струга беше отворена ликовна изложба на сликарката Јованка Миса.

Миса повеќе од една деценија активно твори во областа на сликарството, зад себе има повеќе самостојни и групни ликовни претставувања, а нејзиното творештво беше претставено и во рамките на оваа значајна културна манифестација.

Изложбата имаше и посебно значење, бидејќи беше посветена на 80-годишнината од раѓањето на Петко Шипинкаровски (1946–2026), истакнат македонски писател, основоположник и организатор на Културниот центар „Бран“ и на манифестацијата „Струшки книжевни средби“.

Шипинкаровски е значаен и како издавач и прв главен и одговорен уредник на списанието „Бранувања“, чиј 21. јубилеен број беше промовиран годинава. Во овој број се објавени и 10 ликовни прилози на Јованка Миса, со што нејзиното ликовно творештво дополнително се поврзува со книжевното и културното наследство на нејзиниот татко.

Особено внимание кај присутните привлече портретот на Петко Шипинкаровски, поставен на сцената во салата. Делото беше еден од централните моменти на изложбата, која претставуваше своевиден спој на ликовната уметност, книжевноста и семејното културно наследство.

Со оваа изложба, Јованка Миса даде свој придонес кон одбележувањето на јубилејот на својот татко и кон програмата на „Струшки книжевни средби ’26“, манифестација која и годинава ги обедини љубителите на литературата, уметноста и културата во Струга.

Текст и фото: Стојан Кукунешоски

StrugaOnline

error: