Почна реконструкцијата на делницата од Авто камп АС до спојот кај Сатеска – нова пешачка и велосипедска патека
Со официјален старт на градежните активности и механизација на терен, денес започна реконструкцијата на делницата од Авто камп АС до спојот со регионалниот пат кај Сатеска, во должина од околу еден километар. Станува збор за значаен инфраструктурен зафат на подрачјето на Општина Струга.
Проектот става јасен акцент на безбедноста и активната мобилност, предвидувајќи изградба на пешачка патека, велосипедска патека и зелен појас. Наместо само нов асфалт, со ова решение се создава уреден, функционален и безбеден јавен простор, прилагоден на потребите на граѓаните, туристите и рекреативците.
Увид во почетокот на работите изврши градоначалникот Менди Ќура, кој истакна дека унапредувањето на безбедноста во сообраќајот и поттикнувањето на алтернативните форми на превоз остануваат врвен приоритет во развојните политики на општината.
Проектот е финансиран од Светска банка, преку Проектот за локални и регионални патишта, и претставува важен чекор кон модернизација на оваа делница која го поврзува градот со регионот на Сатеска.
Со реализацијата на оваа инвестиција, Струга добива побезбедно движење за сите учесници во сообраќајот, подобрена туристичка инфраструктура, уреден крајбрежен појас и современо урбано решение кое придонесува за поквалитетен живот.
Од Општина Струга порачуваат дека продолжуваат со системски пристап во развојот на инфраструктурата, со фокус на одговорно градење и инвестиции во побезбедна и поуредена Струга.
StrugaOnline

