Со маскирање на најмладите во Подгорци, Струшко, продолжи василичарската традиција. Радоста и годинава беше голема меѓу најмладите подгорчани што беа дел од карневалот „Василичари 2025“, кој се одржа на 13 и 14 јануари.
Во понеделникот, на 13 јануари, на овој детски карневал можеа да се видат интересни маски, кои годинава ги имаше во изобилство, а зад нив се криеја веселите момчиња од Подгорци. Во вечерните часови, традиционално, тие здружени во групната детска маска тргнаа од под селото и од куќа во куќа, од мало во мало, чукнаа на сите врати, а домаќините ги даруваа со парички и парче од специјалитетот на Подгорци – кашаник. Децата извикуваа: „За многу години, вгодина повесели и порадосни. Сурва Нова година!“
Оваа традиција е стара колку што е старо селото.
Денеска напладне, најмалите учесници на василичарскиот карневал се приклучија кон поворката на возрасниот карневал, каде што на „Ориште“ го изиграа и детското василичарско оро.
Годинашниве детски маски влегоа во конкуренција за избор на најдобра маска на карневалот.
Сите маски беа регистрирани од страна на фоторепортерот Стојан Кукунешоски, и наскоро ќе бидат изложени на традиционалната фотоизложбата во предворието на црквата „Св.Никола“ во Подгорци.
Текст и фото: СТОЈАН КУКУНЕШОСКИ
StrugaOnline
Facebook Коментари