Отсекот за превенција при Секторот за внатрешни работи Охрид, во Струга и Кичево, изминатиов викенд ја спроведе превентивната кампања „Полициско-родителска патрола”.
Како што информираат од СВР Охрид, мешаните патроли составени од полициски службеници од Одделението за превенција, родители, претставници на Советот на родители во основните училишта, на Секторот за образование при локалната самоуправа, како и на Центарот за социјални работи извршиле обиколка на угостителските објекти, како и на одредени места на отворен простор каде во ноќните часови најчесто се собираат и задржуваат младите.
-Целта на кампањата е родителите да видат каде и како младите се забавуваат во ноќните часови, какви се условите каде што излегуваат, кои угостителски објекти и други јавни места најчесто ги посетуваат, кои се можните проблеми со кои се соочуваат и како полициските службеници практично ги применуваат своите полициски овластувања.-соопштија од СВР Охрид.
Целта на патролата, додаваат, е преку широка општествена акција да се зацврсти партнерскиот однос меѓу полицијата и граѓаните, да се придонесе кон зголемување на степенот на безбедноста, да се намалат можните инциденти на местата каде што се забавуваат младите, да се подигне нивната општествена свест и совест за одговорно однесување во угостителските објекти и на јавните места, како и доследно да се почитуваат законските одредби пред се од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир.
Strugaonline
фото: СВР Охрид
Facebook Коментари