Претседателката Сиљановска-Давкова во Струга: Поддршка за градоначалникот Ќура и фокус на предизвиците во регионот
По повод 25-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова денеска ја посети Струга, каде што оствари средба со градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќура.
На средбата, претседателката му го честиташе изборот на Ќура за градоначалник, притоа истакнувајќи го значењето на изборот на независен кандидат како израз на довербата на граѓаните и нивната волја за нов пристап во локалната политика.
Изборот на Струга како место на посетата има посебна симболика, со оглед на тоа што градот е препознатлив по соживотот и меѓуетничката хармонија – вредности кои се дел од темелите врз кои се гради духот на Охридскиот рамковен договор.
Во фокусот на разговорите бил и статусот на Охрид, Охридското Езеро и регионот под заштита на УНЕСКО, како и предизвиците со кои се соочуваат Струга и целиот охридско-струшки регион во насока на зачувување на природното и културното наследство.
Сиљановска-Давкова и Ќура размениле мислења и за дополнителниот петгодишен рок, како и за чекорите што треба да се преземат во овој период за заштита на исклучителните природни и културни вредности на регионот.
На средбата било разговарано и за потребата од поголема поддршка од централните институции за Општина Струга, со цел градот да може поефикасно да одговори на предизвиците, но и да го искористи својот потенцијал за одржлив развој.
Од средбата беше испратена и порака дека „Струга треба да биде дел од решението, а не само дел од проблемот“, со визија за град кој се развива, го зачувува своето наследство и ја гради иднината врз темелите на соживотот.
Посетата на претседателката во Струга доаѓа во период кога се одбележуваат 25 години од Охридскиот рамковен договор, документ кој претставува значаен дел од современата политичка и општествена историја на Македонија.
StrugaOnline

