Претставата ,,Чекајќи го Годо“ вечерва ќе се игра во Охрид

- Локални
115

На реперотарот на охридскиот народен театар вечерва е претставата „Чекајќи го Годо“ од Семјуел Бекет, во режија на Сашо Миленковски.

Станува збор за драмски текст кој имаше извонредно силно влијание врз уметноста од втората половина на XX век, давајќи совршен драмски израз на чувството на апсурдност во современиот свет. Основата на драмата е чекањето, очекувањето. Двата главни ликови кои изгледаат како бездомници, Владимир и Естрагон, го чекаат оној што е именуван како Годо. Во таа состојба на чекање сè се сведува на пополнување на времето. Иако, всушност, ништо не се случува, тоа недејство е исполнето со придушена нелагодност и неодредена закана, закана од непознатото, од кое ликовите стравуваат, но едновремено и посакуваат да се случи. Чекањето подразбира пасивност. Но таа пасивност е многу сложена и на физичко и на психолошко ниво. Како и егзистенцијалистичкиот очај кој е некогаш притаен, некогаш отворен, и психолошкото измачување насочено кон другиот лик е некогаш притаено, некогаш отворено, а често добива и форма на рамнодушност. Чекајќи го Годо останува една од најмагичните и најдобри алегории за нашето време.

Во претставата играат: Стрезо Стаматовски, Никола Тодороски, Павел Маслов, Филип Кипровски и Бојан Трајкоски.

Претставата ќе се игра во Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток во 20:00 часот, а цената на билетот е 200 денари.

Facebook Коментари