Промовирана новата поетска книга на Сара Оручи Мемедовска – „Корени и Светлина“
Во „Ресторанот Туто“ во село Јанче, општина Маврово-Ростуше, пред бројни жители, мештани од дијаспората и гости од Реканскиот крај, беше промовирана втората поетска збирка „Корени и Светлина“ од македонската поетеса Сара Оручи Мемедовска.
Новата книга е посветена на нејзините деца Алберт и Ханна, а низ стиховите авторката ги спојува личните чувства, семејството, љубовта, верата, татковината и сеќавањата на родниот крај.
Сара Оручи Мемедовска е македонска писателка, родена во Дебар, со потекло од Реканскиот крај. Раното детство го поминува во Македонија, а подоцна се преселува во Италија, каде што се образува и го продолжува својот животен пат. Живеењето меѓу различни културни и јазични средини значајно го обликува нејзиниот книжевен сензибилитет и творечки израз.
Во своето творештво таа ја негува силната поврзаност со сопствените корени, истовремено градејќи мост меѓу македонската и италијанската култура. Во нејзините дела се преплетуваат теми поврзани со идентитетот, културната припадност, семејството и животното искуство.
Денес Сара живее во Минхен, Германија, каде што, покрај професионалните и семејните обврски, активно се посветува на литературното творештво. Нејзината работа претставува спој на личното искуство, културната меморија и современиот книжевен израз.
Минатата година ја објави својата прва поетска збирка „Ехо од Далечините“, додека „Корени и Светлина“ е нејзино второ поетско дело.
Промотор на книгата беше истакнатиот писател, поет и публицист од Вевчани, Мишо Китаноски, кој пред присутните истакна дека збирката претставува интимно патување низ најдлабоките човечки чувства.
„Корени и Светлина“ не е само поетска збирка, туку интимно патување низ најдлабоките човечки чувства. Во нејзините песни љубовта, болката, надежта, семејството, верата и татковината се преточени во универзални пораки што допираат до секој читател“, посочи Китаноски.
Тој нагласи дека Сара Оручи Мемедовска, со искрен, топол и ненаметлив поетски израз, успева личната емоција да ја претвори во книжевно сведоштво за човечката ранливост и силата на духот.
„Ова е книга што не бара само да биде прочитана, туку и доживеана. Таа нè потсетува дека човекот останува исправен сè додека ги чува своите корени и верува во својата светлина. Токму во таа едноставна, но длабока порака се крие трајната вредност на ова поетско дело“, истакна промоторот.
„Корени и Светлина“ е книга на тишината, но и на надежта, книга на зборови што долго остануваат во мислите и во срцето на читателот, додаде Китаноски.
Презентер на културниот настан беше истакнатата македонска актерка Снежана Конеска, која пред присутните интерпретираше песни од новата збирка. Стихови од книгата читаше и нејзиниот сопруг Тамер.
Промоцијата беше можност публиката непосредно да се запознае со поетскиот свет на авторката и со темите што ја одбележуваат нејзината најнова книга.
На крајот од промоцијата пред присутните се обрати и авторката Сара Оручи Мемедовска, која посочи дека книгата е посветена на нејзините деца.
„Книгата е посветена на моите деца Алберт и Ханна, на животот што се раѓа од чиста љубов, на љубовта што нема почеток ни крај. Вие му дадовте длабочина и смисла на моето постоење. Јас ви оставам корени и спомени што времето нема моќ да ги исуши“, порача авторката.
На културниот настан присуствуваше и директорот на Агенцијата за иселеништво на Република Северна Македонија, Горан Ангелов, кој се обрати пред присутните.
Промоцијата заврши во пријатна и непосредна атмосфера, со дружење на авторката со читателите, потпишување примероци од книгата и коктел за гостите.
Со „Корени и Светлина“, Сара Оручи Мемедовска продолжува да создава поетски мост меѓу личното и универзалното, меѓу сегашноста и спомените, но пред сè – меѓу човекот и неговите корени.
Текст и фото: Стојан Кукунешоски
StrugaOnline

