Oколу 150 стружани од сите генерации традиционално и оваа година се искачија на Парумба, над струшкото село Горна Белица, на вториот ден од Духовден.
Литијата започна во пет часот наутро од село Горна Белица до Света Троица — македонска православна црква што се наоѓа западно од селото, високо на планината Јабланица, во самото подножје на Црн Врв на 1900 метри надморска висина. Црквата е позната и под името Парумба, по истоименото место што значи Гулабица на влашки јазик.
Стружанката Радмила Кајмакоска на оваа литија учествува по петти пат, за Strugaonline раскажува дека главниот мотив за неа е нејзиното здравје и здравјето на членовите на нејзиното семејство, но и предизвикот да се искачат 1900 метри.
,,На Парумба се искачуваа членови на моето семејство, првиот пат одлучив да одам со нив најпрво да проверам дали физички можам да го остварам тој предизвик. Потоа искачувањето стана моја мала традиција. Не можам да кажам дека е лесно, напорно е, но, главниот мотив е вербата и здравјето. Морам да додадам дека при искачувањето глетката е извонредна, создава многу посебно чувство-изјави Кајмакоска.
Таа додаде дека годинава во литијата учествувале и мали деца и возрасни жени кои успешно се искачиле, што е уште еден доказ дека вербата не познава никакви пречки.
Црквата е осветена на 28 септември 1998 година од митрополитот Дебарско-кичевски Тимотеј. Под црквата извира вода, која се смета за света.
Strugaonline
Facebook Коментари