,,Само ѓаволот се плаши од вода”, струшки филм што освојува светски награди

- Локални
1737

Краткиот филм ,,Само ѓаволот се плаши од вода” по сценарио на Лидија Мојсовска во период од две седмици ја доби својата втора награда за најдобар филм. Првата на фестивалот Beast Film Festival во Португалија, а втората на Balkans Beyond Borders, фестивал кој секоја година се случува во различни градови низ Балканот.

Филмот раскажува приказна за две деца Борис и Кира кои работат на плажа, а чие другарство за момент ќе биде разнишано поради влијанијата од конзервативното опкружување. За време на летниот распуст Борис со неговата баба издава педалинки на плажа, а неколку метри подолу на истата плажа, неговата другарка Кира продава пченки. Но Кира е малку поразлична од другите поради тетоважите кои сама си ги црта по своето тело. Тоа ќе биде причина бабата на Борис со пријателките да почнат да ја озборуваат, осудувајќи го нејзиниот изглед, редејќи најразлични етикети, па дури измислувајќи дека таа и мајка и се дел од некоја ѓаволска секта. Па така под влијание на овие муабети Борис почнува да се сомнева во тоа дека Кира е опседната од Ѓаволот. Низ тој краток период Борис ќе биде принуден да и се спротивстави на баба му и да помине процес на растење што ќе помогне на крај искреното пријателство да победи.

,,Како и претходните така и овој филм беше инспириран од нашето опкружување во кое кое сме растеле. Токму поради тоа, со цел да бидам што поверистична во приказот најчесто избирам да работам со непрофесионални актери од поднебјето каде што се случува приказната. Тоа е доста голем предизвик, но е и благодет бидејќи верувам дека таа комбинација придонесува на тоа филмот да добие реалистичен, документаристички израз, а најважно од се, да пренесе искрена емоција. Претпоставувам тоа го препознаа жиријата на фестивалите Beast Film Festival во Португалија и Balkans Beyond Borders, каде во неполни две седмици добив две награди за најдобар филм. Наградите секако значат и се мотивација за понатамошна работа, но она што повеќе значи, она што е автентично и на кое секогаш ќе се сеќаваш, особено кога доаѓаш од мало место како Струга, е искрената поддршка на сограѓаните и ентузијазмот да бидат вклучени во филмскиот процес.“-изјави за Strugaonline режисерката Лидија Мојсовска.

Таа се заблагодари на струшката екипа која учествуваше во победничкиот филм, дел од нив како статисти, а дел помогнале во реализацијата на истиот.

,,Јаков Попоски, сценарист, мој другар и долгогодишен соработник со кого заедно го пишувавме сценариото за филмот и со кого поминавме најдолго време во креативниот процес, потоа дел од стружаните кои се појавија пред камера: Мимоза Ачкова, Милко Нестороски, Ристе Миладин, Александар Мандоски, Елизабета Балоска, Зоран Симоноски, Емилија Јовческа, Илија Јовчески, Марија Ѓуроска, Стефан Ристески. Потоа луѓето и институциите кои позади камерите уште во подготвителниот процес пружија несебична помош: Зоран Мојсовски, Јасна Мојсовска, Беса Зиба, Вања Кукунеш, Јане Јанески, Лида Шерафатманд, Николина Велкоска, НУЦК ,,Браќа Миладиновци”Струга, Никола Ѓелинчески и Општина Струга.“-додава Мојсовска.

Лидија не ја криеше радоста што може да спомене толку многу имиња на луѓе од својата Струга, затоа што, како што вели, тоа е нејзината цел, да сподели  приказни со светот, направени со и за луѓето од  своето место.

Strugaonline

 

Facebook Коментари