Советот на Општина Струга донесе одлука за продолжување на работното време на угостителските објекти
Советот на Општина Струга донесе Одлука за продолжување на работното време на угостителските објекти на територијата на општината за време на одржување на културни, туристички и други јавни манифестации во текот на 2026 година.
Според одлуката, угостителските објекти на одредени датуми ќе можат да работат подолго со цел да се обезбеди непречено одвивање на планираните настани и да се даде дополнителна поддршка на туристичката сезона.
Работното време ќе биде продолжено за еден час на 26, 27 и 28 јули, како и на 5, 6, 7, 9, 13, 14, 15, 26, 28 и 29 август. Продолжено работно време е предвидено и на 8 и 28 септември, 11 и 23 октомври, 1, 8 и 22 ноември, како и на 21 и 25 декември 2026 година.
За време на најинтензивниот дел од летната сезона, на 1, 2 и 3 август, угостителските објекти ќе можат да работат два часа подолго од вообичаеното.
Од Општина Струга посочуваат дека целта на оваа одлука е да се овозможи подобра организација на културните, туристичките и другите јавни настани, да се поддржи локалната економија и угостителскиот сектор, како и да се придонесе за збогатување на туристичката понуда на градот.
Со оваа мерка, Општина Струга, како што наведуваат од локалната самоуправа, продолжува да создава услови за развој на туризмот, угостителството и културниот живот, притоа почитувајќи ја законската регулатива и интересите на граѓаните.
StrugaOnline

