Струга кон нова европска улога во грижата за здравјето на граѓаните
Струга е предложена како европски пилот-центар во рамките на меѓународниот проект „Kidney First“, иницијатива насочена кон превенција на хроничните заболувања на бубрезите преку рано откривање и промоција на здрав начин на живот.
Во таа насока, градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќура, потпиша Меморандум за соработка со локалниот координатор на проектот Шкелќим Мухареми и директорот на Нефролошката болница Јетмир Зиба. Со овој чекор се отвора можност Струга да стане дел од значајна европска иницијатива насочена кон подобрување на јавното здравје.
Проектот предвидува низа активности кои директно ќе придонесат за подобрување на здравјето на граѓаните. Меѓу нив се организирање превентивни здравствени прегледи, програми за унапредување на здравјето на работниците во сектори како градежништво, инфраструктура и земјоделство, како и едукативни и информативни кампањи за важноста на хидратацијата и здравиот начин на живот.
Дополнително, во рамките на проектот се планираат заеднички активности со локалната заедница и бизнис секторот, со цел подигање на свеста за превенција и рано откривање на бубрежните заболувања.
Преку ова партнерство, Општина Струга ќе обезбеди институционална поддршка и ќе помогне во поврзувањето на проектот со локалните компании и граѓанскиот сектор.
Иницијативата претставува уште еден чекор кон визијата за поздрава, поактивна и поевропска Струга, во која благосостојбата на граѓаните е поставена како еден од клучните приоритети во развојот на градот.
StrugaOnline

