Струга одбележа 82 години од формирањето на Првата македонска пролетерска бригада
Со положување цвеќе на спомениците од Народноослободителната борба и свечена академија, денеска во Струга беше одбележана 82-годишнината од формирањето на Првата македонска народноослободителна ударна бригада, подоцна прогласена за пролетерска.
На денешен ден, 8 јуни 1944 година, во селото Локов во Струшка Малесија беше формирана Бригадата, која остави длабока трага во ослободителната борба на македонскиот народ и народностите во Македонија за време на Втората светска војна.
Под мотото „Мир – Традиција – Иднина“, чествувањето беше организирано од Сојузот на борци од НОБ 1941-1945 на Македонија – Општинскиот одбор на борците и поддржувачите од Струга. Бројна делегација, предводена од претседателот на боречката организација Ајредин Мемеди, заедно со претставници на Сојузот на борци од Охрид и Дебарца, локалната самоуправа, здруженија и граѓани, положи свежо цвеќе на споменикот на НОБ и на повеќе спомен-обележја во градот.
Во рамки на одбележувањето, во просториите на Општинската организација на Сојузот на борци – Струга беше одржана свеченост на која присуствуваше и делегација од селото Локов, местото каде што пред 82 години била формирана Првата македонска бригада.
Во своето обраќање, претседателот Ајредин Мемеди потсети на богатиот и значаен борбен пат на Бригадата, нагласувајќи дека таа била инспирација за формирањето на останатите македонски воени единици и симбол на отпорот против фашистичкиот окупатор.
Првата македонска пролетерска бригада учествувала во бројни значајни воени операции, меѓу кои и борбите во Струшка Малесија и Дебарца, одбраната на слободната територија кај Кленоец, Богомилскиот поход, како и ослободувањето на Охрид, Струга, Дебар, Кичево и Гостивар.
По дејствувањето во Македонија, бригадата како дел од 48-та дивизија учествувала во пробивањето на Сремскиот фронт, а потоа и во ослободувањето на Винковци, Славонска Пожега и Загреб. Нејзиниот борбен пат продолжил сè до Целје и Дравоград, а по завршувањето на воените операции и расчистувањето на непријателските сили во Босна, единицата на 20 јуни 1945 година повторно се вратила во Македонија.
Одбележувањето на годишнината беше можност да се оддаде почит на борците и нивниот придонес во ослободувањето на земјата, како и да се зачува сеќавањето на историските настани кои го трасираа патот кон слободата.
Текст и фото: Стојан Кукунешоски
StrugaOnline

