Струга се подготвува за Ѓурѓовденската литија, по 17-ти пат Литијата со моштите на Свети Георгиј Победоносец ќе ја осветат Струга
Струга и годинава ќе биде во духот на традицијата и верата, откако по 17-ти пат ќе се одржи Ѓурѓовденската литија во чест на Ѓурѓовден и Свети Георгиј Победоносец.
Свеченостите ќе се одржат во четврток, 7 мај 2026 година во храмот „Св. Георгиј“ во Струга, каде ќе се служи архиерејска литургија, по што ќе следува традиционалната литија низ градските улици. Централниот настан и оваа година ќе биде носењето на моштите на светецот, кои симболично ќе ја осветат Струга и ќе донесат благослов за сите верници.
Според програмата, денот ќе започне со утринска богослужба, а потоа ќе следи свечен пречек на високи црковни достоинственици и одржување на архиерејската литургија. Попладневните часови се резервирани за пречек на моштите на Свети Георгиј, по што ќе започне и препознатливата струшка литија – еден од најзначајните духовни настани во регионот.


По завршувањето на литијата, предвидена е културно-уметничка програма во дворот на храмот, на која ќе можат да присуствуваат сите граѓани и посетители.
Организаторите упатуваат покана до верниците да земат масовно учество и заеднички, во духот на традицијата, да го одбележат празникот на заштитникот на градот, со желба за здравје, мир и благосостојба.
StrugaOnline

