Стружани бараат да се изгасне огнот на смртта во градот на Миладиновци

- Локални, Хроника
3106

Со симболично „добровечер“ започна денешниот протест за одговорност на институциите околу проблемот со струшката дива депонија кој синоќа ја достигна својата кулминација. Утрово не ни се раздени – велат од Граѓанската иницијатива „Доста“.

Тие истакнаа дека дел од барањата во оваа алармантна ситуација кога депонијата гори од сите страни се:  гаснење на огнот на смртта, надлежните органи да го најдат сторителот, односно информацијата за палење на депонијата да не остане со непознат сторител. Полицијата и Општината да организираат позасилен надзор врз депонијата (преку 24 часовна смена на чувари или преку патроли на полициските коли) и да се поднесат соодветни кривични пријави за виновниците бидејќи како што велат претставниците на „Доста“  „Сите виновници имаат име и презиме без разлика дали се правни или физички лица“.

Од граѓанската иницијатива се категорични дека доколку не се преземат потребните мерки треба да се покаже граѓанска непослушност преку неплаќање на сметките за комунално. На протестот, покрај претставници на граѓанската иницијатива се обратија и граѓани кои бараат да се изврши потребното мерење на степенот на загадување, за како што велат да знаеме што дишеме. Своето стручно мислење на протестот за одговорност го изнесе и докторот Јосиф Белески кој потенцираше дека вдишуваме канцерогени честички посебно штетни за доенчињата, за најмладите, за постарите лица но и за сите граѓани кои живеат во Струга и околината.

Од збирното место учесниците на протестот се упатија пред  зградата на Општина Струга, а движејќи се низ улиците и чаршијата поворката им укажа на луѓето кои седеа во струшките кафулиња дека сите треба да излезат на протест затоа што сите дишеме ист воздух.

Барањето за чист воздух доживеа своја симболична кулминација кога пред зградата на Општина Струга дел од учесниците на протестот запалија ѓубре и ги повикаа вработените во Општината да ги отворат прозорците и да го почувствуваат загадениот воздух кој во последно време во Струга е сурова реалност.

На протестот се обрати и Д-р Трајче Талевски од Хидробилошки Завод Охрид, истакнувајќи дека Охрид секогаш ќе стои зад стружани и ќе ги поддржува бидејќи се забележува дека градот на Миладиновци и езерото заштитено од УНЕСКО веќе не се ни гледаат од густиот чад.

Од Граѓанската иницијатива информираа дека на вчерашната работна средба со министрите кои ја посетија Струга било одлучено да се формира експертска група која ќе работи на целосно гаснење на депонијата.

Протестот продолжи пред Јавното обвинителство, каде претставници на граѓанската иницијатива и заинтересираните граѓани беа повикани на средба со Јавен обвинител, деталите за оваа средба Strugaonline ќе ги пренесе во следната вест посветена на оваа тема.

Извор: StrugaOnline

Фото: StrugaOnline

Facebook Коментари