Свечено одбележано 12-тото издание на „Струшки книжевни средби 2026“
Струга повторно беше домаќин на значаен книжевен настан кој ги обедини авторите од Македонија и регионот, со богата програма, доделување признанија и промоција на новото издание на списанието „Бранувања“.
Во срцето на поетска Струга, во конгресната сала на хотелот „Дрим“, вчера свечено беше одбележано 12-тото издание на манифестацијата „Струшки книжевни средби 2026“.
Манифестацијата, која традиционално ја организира Здружението за литература и култура „Бран 2010“, продолжува да ја негува идејата на нејзиниот основач, истакнатиот поет Петко Шипинкаровски, за афирмација, вреднување и зачувување на пишаниот збор.
И годинава Струга беше место на средба на различни книжевни традиции и култури. На манифестацијата учествуваа 12 странски автори од Бугарија, Црна Гора, Србија, Хрватска и Косово, како и истакнати македонски и албански поети од земјата и регионот.
Во рамки на свеченоста беа доделени и наградите и јубилејните признанија „Петковиот аманет“, со кои се оддава признание за значаен придонес во литературата, културата и уметноста.
Добитници на признанијата се:
-
Награда за животно дело – култура, литература и новинарство: Веле Митаноски
-
Награда за животно дело – драматургија: Ристе Миладин
-
Странски автор на годината – за особен придонес во културата: Валерио Орлиќ од Хрватска
-
Автор на годината на „Македонска поетска ризница“: Ана Бунтеска
-
Млади автори на годината на „Македонска поетска ризница“: Магдалена Петровска и Евгенија Пешинска
Признанијата се уште една потврда за значењето на книжевното творештво и за придонесот на авторите во развојот и афирмацијата на културата.
Во рамки на „Струшки книжевни средби 2026“ беше промовиран и 21. број на списанието за литература и култура „Бранувања“.
На повеќе од 210 страници, најновото издание обединува творештво и прилози од повеќе од 60 автори, распоредени во неколку рубрики:
-
„Македонска поетска ризница“
-
„Македонска поетска ризница – најчитани песни“
-
„Првите цутови“
-
„Време минато, време сегашно“
-
„Отворени страници“
Од поезијата и прозата, преку научната мисла и книжевната критика, „Бранувања“ и ова издание го продолжува настојувањето за афирмација на домашното литературно творештво и создавање простор за нови и веќе афирмирани автори.
Со 12-тото издание, „Струшки книжевни средби“ уште еднаш ја потврди својата улога како место за средба на поетите, писателите и љубителите на литературата од Македонија и регионот.
Во духот на аманетот на Петко Шипинкаровски, манифестацијата продолжува да го чува и промовира живиот збор, потврдувајќи ја Струга како значаен центар на книжевниот и културниот живот.
StrugaOnline

