Тодорче Тасевски: Mojaта цел е Струшките вечери на поезијата да станат простор за вмрежување на македонските и странските поети

- Интервју, Локални
1088

Од 28-ми до 30-ти август, во Струга традиционално ќе се одржи манифестацијата ,,Струшки вечери на поезијата 2020“. Повеќе од триесет домашни и странски поети од постарата но и од помладата генерација ќе учествуваат на фестивалот на главните фестивалски читања, македонските поети со физичко присуство, а странските со видео читања. Свое специјално обраќање преку видео врска ќе има и годинешниот лауреат на СВП, израелскиот поет Амир Ор на кој наградата ,,Златен венец“ ќе му биде врачена физички следната 2021 година на 60-то јубилејно издание.

 

Во денешното издание на Плеј Кафе на Плеј Радио, со директорот на ,,Струшки вечери на поезијата“ Г-дин Тодорче Тасевски, ги најавивме деталите за овогодинешното издание на поетскиот фестивал со долга традиција што Струга ја прави лулка на поезијата.

Play radio: Годинава имавте задача да организирате достојни Струшки вечери во неблагодарни услови, но важно е дека традицијата продолжува. Да спомене дел од поетите кои учествуваат годинава и како падна изборот токму на нив, односно по кој принцип ја вршите селекцијата?

Тодорче Тасевски: Важно е што Струшките вечери на поезијата ќе се одржат и годинава. И во услови на пандемија најдовме начин да ја продолжиме традицијата на поетскиот фестивал. Од пред две години, откако сум назначен како директор, користејќи ја статутарната можност на СВП, формирав уметнички совет во кој членуваат најистакнатите македонски поети, критичари и универзитетски професори. Ним им ја препуштив задачата да предложат светски поетски имиња. Целосно го почитувам нивниот авторитет во предлагањето на учесници, така беше и годинава, па потоа Управниот одбор ги прифати добиените предлози.

Play radio: Утре-вечер во 20 и 30 часот е официјалното свечено отвартање кое секогаш буди возбуда кај стружани, како ќе изгледа сето тоа во услови на пандемија?

Тодорче Тасевски: Оваа година Струшките вечери се диктирани од вонредните услови. За жал, невозможно е манифестацијата да се одржува на вообичаените локации. Во моментов постојат протоколи за организирање на настани, но тоа се протоколи за настани со контролиран влез и излез, од тие причини не можеме да организираме ништо на јавен простор. Целата програма заради заштита на здравјето на граѓаните и на учесниците ќе се одвива на покриената отворена тераса на хотел ,,Дрим“, тоа е секако локација на која вообичаено во конференциската сала од лани се одвива и дел од програмата на СВП и во редовните изданија. Стружани ги замолувам за разбирање, бидејќи согласно протоколите не смее да биде пополнет целосниот капацитет , така што вкупниот број на места вклучувајќи ги и учесниците во програмата е околу седумдесет. Во таа смисла, остануваат мал број места за публика која ќе може во живо да го проследи отварањето. Струшките вечери на поезијата се целосно пренесувани на официјалниот Youtube канал уште од минатата година, а тоа годинава е повеќе од потребно. Професионална продукција ќе го пренесува сето тоа во живо, освен на Youtube каналот на СВП, истиот пренос ќе оди и на Националната телевизија.

Play radio: Дел од програмата ќе бидат и петте кандидати од потесниот избор за наградата „Браќа Миладиновци“ која што ќе биде доделена и оваа година за најдобра поетска збирка помеѓу две изданија на СВП, а ќе бидат застапени и слем поети од земјава и од странство. Нека биде фокусот на ,,земјава и странство”. Што покажува праксата, научивме ли да си ги почитуваме домашните поети или публиката повеќе сака да се фокусира на странците? Каков поетски менталитет имаат стружани и гостите кои ја следат оваа манифестација?

Тодорче Тасевски: Со оглед на тоа дека зборуваме за меѓународен фестивал, разбирливо е најголемиот дел на учесниците во официјалната програма да бидат поети од странство. Тоа е концептот на Струшките вечери и така и ќе остане. Оваа година се создаде и можност за физичко присуство на македонските поети во главните програми на отворањето и затворањето на фестивалот. Почнувајќи од минатата година, на моја инијатива која беше прифатена од страна на Уметничкиот совет и на Управниот одбор, решивме да го зголемиме бројот на македонските поети кои читаат на главните програми. Претходно, на главните програми читаше само добитникот на наградата ,,Браќа Миладиновци“ од претходната година. На моја иницијатива бројот на македонски поети е зголемен уште од минатата година, а годинава уште повеќе бидејќи во главните програми сакавме да имаме поети кои се физички присутни. Мојата намера и намерата на мојот тим е Струшките вечери да бидат место каде што достојно ќе ги пречекаме најзначајните светски поети , но на оваа манифестација сакаме да направиме простор за вмрежување помеѓу македонските и странските поети. Истото вмрежување го правиме и за македонските и странските издавачи и книжевни критичари. Тоа ќе биде една можност, освен да уживаме во врвната поезија на странските поети, истите да бидат емисари на македонската поезија.

Play radio: Ако ја земеме во предвид долгогодишната традиција, колку што ни дозволува возраста можеме да се сетиме како било порано и каков празник беше одржувањето на Струшките вечери на поезијата. Во едно сосема поинакво време кога е тотално поместен системот на вредности и кога имаме социјални мрежи-генерација, што е СВП, манифестација за ретки или реткост која чека да биде избрана?

Тодорче Тасевски: Ова е навистина голем предизвик. Сум слушал, а и се сеќавам како посетител кога кејот на ,,Дрим“ бил преполн со народ за манифестацијата ,,Мостови“. Масовниот интерес кај публиката, за жал е опаднат, а поезијата и сама по себе е нешто што можат да го разберат упатени и информирани љубители. Предизвикот сега, е преку социјалните мрежи, преку новите медиуми  да се допре до помладата публика. Се трудиме да најдеме креативни начини да допреме до помладите генерации, а не ја занемаруваме и публиката која сака традиционално да ги следи Струшките вечери на поезијата во време и место на нивното одржување и се надевам дека ќе се најде оптимален баланс.

Извор: Play radio

 

Facebook Коментари