Ученици од „Ибрахим Темо“ во посета на Општина Струга
Младите од Струга испратија силна порака за активна вклученост во општествените процеси, преку директна средба со локалната власт. Градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќура, беше домаќин на ученици од втора година од СОУ „Ибрахим Темо“, кои во рамки на наставата по предметите Социологија и Изразување и говорење ја посетија општината.
Посетата имаше за цел да ја зајакне комуникацијата и соработката меѓу младите и локалната самоуправа, преку отворен дијалог и размена на мислења и идеи за прашања од јавен интерес.
Во текот на средбата, учениците активно учествуваа поставувајќи прашања поврзани со актуелните предизвици со кои се соочуваат младите, перспективите за развој на туризмот во регионот, можностите за вработување, како и поддршката за младите спортисти.
Градоначалникот Ќура ги охрабри младите да бидат гласни, ангажирани и да учествуваат во носењето одлуки, потенцирајќи дека токму тие се двигатели на позитивни промени во заедницата.
Од Општина Струга истакнуваат дека остануваат отворени за младите, со континуирана посветеност кон создавање услови и можности за нивен личен и професионален развој, како и активно вклучување во локалниот живот.
StrugaOnline

