Утре во соборниот храм „Св. Ѓорѓи“ Струга ќе се одржи јубилејното 50-то издание на манифестацијата „Струшка музичка есен“
Со свечено отворање во Соборниот храм „Св. Ѓорѓи“, утре, петок, 11 септември, ќе започне јубилејното 50-то издание на манифестацијата „Струшка музичка есен“, една од значајните културни и музички манифестации во Струга.
Свеченото отворање е закажано за 19 часот, а на присутните ќе им се обратат селекторите на овогодишното издание, проф. д-р Стефанија Лешкова-Зеленковска и д-р Мирјана Павловска-Шулајковска.
Поздравно обраќање ќе има и Митрополитот Дебарско-кичевски г. Георгиј, со што настанот ќе добие дополнителна свеченост.
Во рамките на отворањето концертен настап ќе одржи Градскиот камерен хор „БалТепе“ од Тетово, под диригентската палка на Јасмина Ѓорѓеска.
Овогодишниот јубилеј има посебно значење и поради тоа што „Струшка музичка есен“ по подолг период повторно се враќа во Соборниот храм „Св. Ѓорѓи“ – простор кој со години беше нејзин домаќин и место каде што се одржуваа бројни музички настани.
Враќањето на манифестацијата во храмот претставува своевидно враќање кон традицијата, но и потсетување на богатата историја на „Струшка музичка есен“, која половина век придонесува за развојот и афирмацијата на музичката култура во Струга и пошироко.
Јубилејното 50-то издание на „Струшка музичка есен“ започнува утре, петок, 11 септември, со почеток во 19 часот, во Соборниот храм „Св. Ѓорѓи“ во Струга.
Публиката ја очекува свечена музичка вечер со која ќе биде одбележан значаен јубилеј и ќе биде најавено уште едно издание на манифестацијата која со децении е дел од културниот живот на Струга.
StrugaOnline

