Утре во Струга ќе се одбележи 5 Мај – Денот на македонскиот јазик
Со пригодна културно-уметничка програма, утре во Струга ќе се одбележи 5 Мај – Денот на македонскиот јазик, празник посветен на зачувувањето, негувањето и афирмацијата на нашиот мајчин јазик. Настанот, во организација на НУЦК „Браќа Миладиновци“ – Струга, ќе се одржи во Паркот на поезијата со почеток во 14:00 часот.
Под мотото за заедничко славење на убавината и вековното траење на македонскиот јазик, на манифестацијата ќе настапат роднокрајни автори кои преку своето творештво ќе ја доловат богатата јазична традиција и современиот израз. Дополнително, програмата ќе биде збогатена со музички изведби на учениците од ДМУ „Тодор Скаловски – Тетоец“ – Струга, како и со фолклорни настапи на КУД „Илинден“ – Струга.
Организаторите упатуваат покана до сите љубители на пишаниот и говорниот збор да присуствуваат и заедно да го одбележат овој значаен ден, кој претставува симбол на националниот идентитет и културното наследство.
Настанот има за цел да потсети на значењето на македонскиот јазик како темел на нашата самобитност и да поттикне негово понатамошно негување меѓу младите генерации.
StrugaOnline

