Утре во Струга прв дел од проектот „Гледајќи го вчерашниот свет денес: Фотомонтажата и антифашизмот“

- Локални
93

Утре во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга ќе се одржи првиот дел од проектот „Гледајќи го вчерашниот свет денес: Фотомонтажата и антифашизмот“ инициран и реализиран од Владимир Јанчевски и Сафет Ахмети од Центарот за Визуелни студии – Скопје.

Покрај проекцијата на 40-минутниот документарен филм „Хартфилд: Таткото на фотомонтажата “ од ирскиот режисер Џо Ли (Heartfield: The Father of Photomontage, dir. Joe Lee, 1991), по што ќе следи кратко предавање и разговор. Исто така ќе биде отворена и камерна изложба од публикации со фотомонтажи на Џон Хартфилд од приватна колекција.

Почетокот на 20 век го одбележаа редица драматични настани и пресвртни моменти во политичка и технолошка, но и во уметничка смисла, при тоа правејќи ја очигледна нивната неизбежна меѓузависност.
За разлика од предмодерниот период, кога она што го нарекуваме уметност е во служба на владеачките елити, модерниот концепт за уметникот отвори простор за индивидуално изразување надвор од контролата на метанаративот на моќта и честопати контра истиот.
Уметноста, како специфичен сегмент на визуелната култура, со проширувањето на полето и зголемувањето на интересот за популарните изразни форми се претвори во средство за реализација на еманципаторскиот проект.

Берлинската Дада, како најотворено политичка од целокупната меѓународна мрежа на дадаистичката интернационала, ќе го добие својот најискристализиран пример на политичка уметност преку бескомпромисните фотомонтажни сатирични дела на Џон Хартфилд (1891-1968) насочени против подемот на германскиот национал-социјализам (1924-1933), а потоа и злосторствата на Третиот Рајх (1933-1945).

Во изминативе десетина години се забележува подемот на социјалните мрежи, демократизацијата на каналите за комуникација во јавната сфера. Паралелно со тоа рапидно се усовршуваат и софтверските алатки и средствата за уверлива и едноставната манипулација на сликата, која станува достапна до поширока група граѓани.
Тогаш, не случајно најпрво преку социјалните мрежи, се појавуваат фотомонтажни слики како критика на узурпацијата на јавниот простор и концентрацијата на моќта.
Сепак, се поставува прашањето, дали сме доволно свесни за природата на сликата и ефектите? Овој проект, поврзувајќи ги старите искуства на пионерите на медиумот со фокус на случајот на Џон Хартфилд има за цел да ја разгледува и анализира новонастанатата ситуација.

Потпирајќи се на најновата теориска мисла, овој проект има за цел да актуелизира некои од дебати за моќта и функцијата на сликата и улогата на визуелната култура, со цел да се укаже на специфичните процеси на контрола на визуелните содржини и нивната интерпретација, како и начините преку кои тие можат критички да се ангажираат во насока на регенерирање на општествената сфера.
Овој проект, ќе се осврне на улогата на визуелната сфера во современата епоха и начините на кои новите медиуми влијаат врз формирањето на свеста.

Strugaonline

Facebook Коментари