Лев банер Десен банер

Вчера НУЦК „Браќа Миладиновци“ Струга свечено го одбележа Денот на македонскиот јазик

Во НУЦК „Браќа Миладиновци“ во Струга свечено беше одбележан Денот на македонскиот јазик, настан кој уште еднаш ја потврди силната врска меѓу јазикот, традицијата и културниот идентитет. Во градот на поезијата, македонскиот јазик одекна преку инспиративни обраќања, музика и фолклор, обединувајќи генерации во негова чест.

Пред присутните се обратија истакнатите автори Петар Аврамовски, Милорад Угреновиќ и Милчо Мисоски, кои ја нагласија важноста од зачувување и негување на мајчиниот јазик како највреден духовен аманет. Тие потенцираа дека јазикот не е само средство за комуникација, туку темел на националниот идентитет и културната меморија.

Особена емоција на настанот му дадоа учениците од ДМУ „Тодор Скаловски-Тетоец“, кои со своите виртуозни музички изведби внесеа свежина и уметничка длабочина во програмата. Во Паркот на поезијата, нивните настапи беа пречекани со голем аплауз од публиката.

Свеченоста беше заокружена со настапот на КУД „Илинден“, чии игри и песни уште еднаш потврдија дека фолклорот претставува жива меморија на народот и силен чувар на традицијата.

Организаторите изразија благодарност до сите учесници и посетители кои беа дел од овој значаен културен настан, исполнет со пишан збор, мелос и духот на македонската традиција.

Пораката од Струга беше јасна – македонскиот јазик е наш идентитет и обврска е да го чуваме, негуваме и пренесуваме на идните генерации.

StrugaOnline

error: