Вчера успешно се одржа првиот Меморијален пливачки митинг „Кире Ѓоргон“ 2026
Со многу емоции, спортски дух, натпреварувачка возбуда и громогласна поддршка од публиката, во Струга успешно се одржа првиот Меморијален пливачки митинг „Кире Ѓоргон“ 2026, спортски настан посветен на човекот кој оставил значајна трага во спортскиот и општествениот живот на градот.
Струшкиот базен повторно беше место на кое се сретнаа спортот, пријателството, заедништвото и сеќавањето. Пливачите, тренерите, клубовите и бројните посетители создадоа прекрасна атмосфера, исполнета со возбуда, радост, гордост и искрено спортско бодрење.
Секој старт, секоја испливана трка и секој освоен медал придонесоа првото издание на митингот да биде посебен спортски настан, со кој се поставуваат темелите на една нова традиција во Струга.
Еден од организаторите, Коста Хиохи, не го криеше задоволството и емоциите од успешно реализираниот митинг, истакнувајќи дека овој настан за него имал посебно значење.
„Сум организирал неброени спортски настани и секој од нив ми бил посебно драг. Но, денешниот беше поинаков. Посебен. Настан за кој верувам дека ќе го паметам засекогаш!
Првиот пливачки натпревар во Струга по којзнае колку години, и тоа во чест на д-р Кире Ѓоргон, човек на кого Струга никогаш не му се оддолжи во целост. Ниту нему, ниту на д-р Јоско, ниту на Шишко.
Денес базенот беше исполнет со букет од емоции – солзи, радост, возбуда, гордост и искрено спортско бодрење. Бевме сведоци на вистински пливачки борби, на поранешните, актуелните, но и на идните пливачки шампиони“, истакна Хиохи.
Тој посебно го нагласи значењето на митингот за најмладите учесници, за кои ова беше прво натпреварувачко искуство.
„За дел од младите пливачи денешниот митинг беше нивно натпреварувачко деби. Сигурен сум дека меѓу нив се крие некој иден шампион, кој еден ден, кога ќе ги достигне најголемите пливачки височини, ќе се потсети дека неговиот прв настап бил токму на Меморијалниот пливачки митинг ‘Кире Ѓоргон’ 2026 во Струга“, додаде Хиохи.
Организаторите упатија посебна благодарност до сите пливачи, тренери и клубови кои беа дел од првото издание, до посетителите кои со своето присуство и поддршка создадоа незаборавна атмосфера, како и до сите поединци, соработници и поддржувачи кои помогнаа настанот да стане реалност.
Првиот Меморијален пливачки митинг „Кире Ѓоргон“ не беше само спортски натпревар, туку и потсетување на луѓето кои придонеле за развојот на спортот во Струга, како и порака дека пливачката традиција на градот заслужува повторно да живее.
Организаторите веќе најавуваат продолжување на традицијата и ново издание следната година.
„Се гледаме догодина на Меморијалниот пливачки митинг ‘Кире Ѓоргон’ 2027“, порача Коста Хиохи.
StrugaOnline

