Вечер со уд и уметникот Јозеф Тавадрос на „Охридско лето“

- Локални
214

Музичката програма на „Охридско лето“ за денеска нуди интересна содржина, концерт на египетско-австралискиот уметник Јозеф Тавадрос кој во салата на катедралната црква „Света Софија“ ќе ги донесе звуците на удот.

Џозеф Тавадрос е водечки виртуоз на инструментот уд, композитор и добитник на седум награди „Арија“ кои ги доделуваат претставниците на музичката индустрија во Австралија.

Роден е во Каиро, неговата инструментална определба е инструментот уд, еден вид арапска лаута, претходник на лаутата и модерната гитара.

Виртуоз во вистинска смисла на зборот, не само според неговите технички можности, туку и со неговата разновидност и чувствителност, Тавадрос настапува во концертните сали ширум светот поместувајќи ги границите на музичката изведба, и делејќи ја сцената со бројни изведувачи во интерпретација на иновативна, оригинална музика. Настапува како солист или во дуо со неговиот брат Џејмс на египетски перкусии, како и со неговиот џез квартет или како солист со камерни и симфониски оркестри.

Досега ги има изведувано сопствените композиции со Австралискиот камерен оркестар, Симфонискиот оркестар на „Би-Би-Си“, Симфонискиот оркестар на Аделаида, Националниот оркестар на Украина, Камерата Салцбург, а неговиот Концерт за уд и симфониски оркестар што го изведе со Симфонискиот оркестар од Сиднеј е поместен на издание на „АБЦ класикс“ во 2019 година. Досега тој е првиот и единствен австралиски музичар чије дело е изведено од страна на Академијата за стара музика во Велка Британија. Има снимано музика со бројни џез музичари: Џон Аберкромби, Рој Ејрс, Џек де Џонет, Бела Флек, Мајк Стерн, Џои де Франческо, Ричард Бона и Кристијан Мекбрајд. Во светот на класичната музика се издвојуваат неговите соработки со Ричард Тоњети, Вилијам Бартон, Браќата Григоријан, Кристијан Линдберг и Андреас Шол. Негови изведби можат да се слушнат на повеќе филмски и телевизиски остварувања. Оваа година Тавадрос настапи на отворањето на Светскиот економски форум во Давос, а од страна на Бритн Синфониа во Англија премиерно ќе биде изведено неговото дело „ Три стадиуми на ретроспектива“. Тавадрос е избран да биде еден од 50 композитори кои ќе напишат фанфар во чест на 50-годишнината на Сиднејската опера. Во 2016 година, Џозеф Тавадрос е одликуван со орденот на Австралија за неговиот придонес кон музиката.

Концертот ќе почне во стандардниот фестивалски термин од 21 часот, а на програмата се авторски дела на самиот уметник.

Facebook Коментари