Вечерва во Струга започнува „Неделата на нов германски филм“

- Локални
494

Во малку поразличен формат, вечерва започнува „Неделата на новиот германски филм“. Публиката во Струга, Прилеп и Скопје ќе ја продолжи долгогодишната традиција на дружење со најновите остварувања на богатата германска кинематографија.

Лидија Мојсоска, како дел од организацискиот тим во вклучување во живо на Play radio истакна дека публиката ќе има можност да проследи квалитетна филмска програма која се прикажува прв пат во Македонија. Мојсоска додаде дека поради ситуацијата со КОВИД 19, на летната сцена во Струга дозволено е да има публика од околу педесеттина луѓе кои на влезот ќе добијат заштитни маски.

За разлика од минатите години, овој пат гледачите ќе уживаат во филмските проекции, како што вели и слоганот, под отворено небо. Неделата на новиот германски филм, денеска во НЦСК Струга, ќе се претстави пред македонската публика со премиерата на долгоочекуваниот Undine на режисерот Кристијан Петцол. Фестивалот ќе продолжи со прикажувањето на селекцијата составена од трилерот Ballon (2019) на Мајкл Хербиг, биографскиот Mein Blind Date Mit Dem Leben (2017) на Мајк Ротемунд и комедијата Die Goldfische (2019). Стружани ќе можат да ја следат програмата на неделата на новиот германски филм од 24 до 26 август.

Вечерва и среда проекциите започнуваат од 20 часот, а вторник проекцијата е во 21 часот. Влезот е слободен.

„Напоменуваме дека сите проекции на „Неделата на новиот германски филм“ ќе бидат прикажани под отворено небо со целосно почитување на препораките за заштита од Covid19.“ – потенцираат организаторите.

Oвогодинешното издание на „Неделата на новиот германски филм“ го реализира Центарот за социјални иновации Блинк 42-21 во соработка со Кинотека на Северна Македонија, Дрим Шорт- Струга и Центарот за Култура Марко Цепенков – Прилеп и со поддршка на Амбасадата на Сојузна Република Германија во Република Северна Македонија.

Strugaonline

Facebook Коментари