Вечерва во Вевчани новогодишен концерт ќе одржи КУД ,,Дримкол“

- Локални
193

КУД ,,Дримкол“ Вевчани со два новогодишни концерти го претставува својот нов проект насловен  ,, Фатил сокол еребица“.  Првиот концерт се одржа вчера, а вториот ќе се одржи вечерва со почеток во 19:00 часот во просториите на Мултикултурниот центар во Вевчани.

Станува збор за роднокрајни народни песни обработени и под диригентска палка на Аргил Мукоски, а во изведба на членови на првиот фолклорен ансамбал, младинскиот ансамбал и оркестарот на КУД „Дримкол”.

На вчерашниот концерт, пензионираниот учител, основач и прв раководител на КУД „Дримкол“, Мукоски, го изрази своето задоволство што работи со талентирани уметници. Концертот го посвети на 50-години активна работа на КУД  „Дримкол“ од Вевчани.

– Програма ја сочинуваат традиционални песни, кои сум ги собирал за време на мојот работен век како учител по музичко образование. Меѓу хорските изведби се ставени и три ороводни песни на кои девојките од младинскиот ансамбал играат со оригиналните чекори од терен кои ги поставивме заедно со мојата сопруга Звезда, истакна Мукоски.

Обработка и изведба на хорски вокални напеви за прв пат се поставуваат на репертоарот на КУД „Дримкол“ со што ова друштво ја потврдува својата инвентивност, сериозност и професионалност при работењето.

Strugaonline

 

Facebook Коментари