Во свечена атмосфера денеска се одржа Струшката Еордија (Литија)

- Локални
826

И оваа година традиционално, стружани и многубројните гости од земјава и од странство, беа сведоци на најголемата, најторжествената и една од најпознатите во целиот православен свет, сенародната Струшка Еордија (Литија).

На Еордијата ѝ претходеше церемонијално полициско возило, кое на симболичен начин го одбележа чествувањето на Св. Вмч. Георгиј како покровител на полициските и безбедносни сили. Помеѓу возилото и Еордијата, продефилира коњаник, облечен во римска трибунска воена облека, изработена од автентични материјали – верна копија на оригиналните воени оклопи од тоа време, дело на познат италијански експерт за историјата на древната Римска Империја. Коњаникот, кој во раката држеше палмова гранка како симбол на мирот,  имаше улога на посебен редар и најавувач на процесијата.

На чело на самата Еордија (Литија) беше член од Бигорското братство, кој  го биеше клепалото, потоа имаше носачи на крстови, рипиди, знамиња, псалти и братството на Бигорскиот манастир, оркестарот на град Скопје, чудотворните икони на Св. Георгиј Победоносец и Пресвета Богородица – Крнинска, сестринствата од манастирите во Рајчица и Пречиста, свештенството на Дебарско-кичевската епархија, митрополитот Дебарско кичевски г. Тимoтej и епископот Антаниски г. Партениј, и најпосле, најголемата светиња – моштите на Светиот во раскошно украсениот епитаф.

Моштите на Светиот Победоносец Георгиј беа носени од четворица видни граѓани, а беа придружувани и чувани и од четворица капетани од сејменската гарда на Бигорскиот Манастир, облечени вораскошната традиционална мијачка носија, со сејменски ќостек на градите, на којшто е претставен ликот на Св. Јован Крстител. Зад сердарите одеа членови на сејменската гарда, чии членови исто така беа облечени во традиционални мијачки носии, со ќостек на градите со ликот на Св. Георгиј Победоносец.

 

На самиот крај на Струшката Еордија во дворот на струшкиот храм „Св. Георгиј Победоносец“, се одржа  културно-уметнички настан со чуварите на нашата богата фолклорна традиција: „Ансамбл Македонија“.

Извор и фото: Strugaonline

Facebook Коментари