Започнуваат активностите за чистење на регулираното речно корито на реката Црн Дрим во урбаниот дел на Струга

- Локални
1390
Oпштина Струга известува дека од денеска, петок, 9-ти октомври, започнуваат активностите за чистење на регулираното речно корито на реката Црн Дрим во урбаниот дел на Струга.

Чистењето на коритото на Црн Дрим е дел од структурните мерки во рамки на регионалниот проект за интегрирано прекугранично управување со поплавите и ризиците од поплави кој е финансиран од Фондот за адаптација на ГЕФ а се спроведува од страна на Програмата за развој на Обееинетите нации – УНДП, чија цел е да се намали ризикот и штетите од поплавите во регионот на реката Дрим.
-Долги години еден од најважните приоритети за Струга е чистењето на Дрим од устието до вливот во Глобочичко езеро и решавање на проблемот со реката Сатеска. Самото корито во урбаниот дел не е чистено од периодот на негова изградба.
Во првата фаза успешно беше реализирано чистењето кај истекот од Охридското езеро а во втората фаза е предвидено да се реализира чистењето од Мостот на поезијата до истекот кај болницата.-информираат од Општина Струга.
Вкупната должина на делот кој ќе се чисти е 765 метри. Според направените анализи, проценетата количина на депониран нанос е приближно 14 000 метри кубни кои придонесуваат за намалување на капацитетот на протокот, нееднаква дистрибуција на брзината и можност за натамошно таложење и редизвикува голем ризик од поплавување на населените места.
-Овој проект е резултат на заеднички напори на Општина Струга, Министерството за животна средина и просторно планирање , АД ЕЛЕМ и АД Водостопанство.
За да се заврши овој крупен зафат силна поддршка и разбирање дадоа туристичките субјекти и граѓаните за што сакаме да се заблагодариме. Посебна благодарност до ЕЛЕМ, кои во интерес на проектот подолг период го прилагодуваат нивото на водата и производството на електрична енергија според потребите на зафатот.- стои во соопштението.
Од општина Струга ги известуваат  сите заинтересирани субјекти кои имаат комплементарни активности за кои е потребно пониско ниво на водата во урбаниот дел на Струга , да го искористат овој период за нивна реализација.
Завршувањето на активностите во оваа фаза се очекува до крајот на октомври овааа година.
Strugaonline

Facebook Коментари