Лев банер Десен банер

Лансирана веб платформата „Регион без отпад“

Во рамки на Регионалниот форум за управување со отпад кој се одржа вчера, 29 април, во Скопје, беше промовирана новата веб платформа „Регион без отпад” (https://regionalenotpad-pjz.mk/), која претставува централизирана дигитална алатка за поддршка на управувањето со отпад во Пелагонискиот и Југозападниот регион.
Платформата ги обединува сите 18 општини и обезбедува пристап до релевантни информации, податоци и ресурси поврзани со управувањето со отпад. Нејзината цел е да ја зајакне координацијата и размената на информации и добри практики помеѓу општините од двата региона, да ја зголеми транспарентноста и да овозможи подобро планирање и донесување одлуки базирани на податоци. На веб платформата ќе може да се најдат и сите информации поврзани со работата на Меѓуопштинскиот одбор за управување со отпад за Пелагонискиот и Југозападниот регион како и разни податоци за отпадот и услугите што ги нудат комуналните претпријатија. Таа претставува и основа за идното функционирање на регионалното јавно комунално претпријатие, овозможувајќи подобра поврзаност меѓу институциите и засегнатите страни.
Покрај координативната и информативна улога, платформата нуди и пристап до практични алатки развиени во рамки на проектот „Одржливо управување со отпад на локално ниво” (https://regionalenotpad-pjz.mk/resources). Посебно значајна е методологијата за чистење и затворање на дивите депонии која нуди системски пристап кој ги комбинира мапирањето и проценката, анализата на примарните причини, вклучувањето на заедницата, подобрувањето на инфраструктурата и континуираниот мониторинг. Оваа методологија овозможува долгорочно решавање на проблемот и спречување на повторно појавување на ѓубриштата и е веќе успешно употребена во Кичево, со намера опфатот да се прошири и на останатите општини од Пелагонискиот и Југозападниот регион.
Дополнително, прирачникот за заштита од пожари на депониите одговара на еден од најсериозните ризици во секторот. Со оглед на честите пожари (1500 детектирани пожари само во 2023) и нивното влијание врз здравјето и животната средина, прирачникот нуди конкретни мерки за превенција, рано откривање и подобра подготвеност на институциите во случај на пожари на депонии. Овој прирачник претставува практична рамка за подобрување на безбедноста во период додека се воспоставуваат модерни регионални решенија за управување со отпад.
Покрај овие ресурси, платформата вклучува и методологија за интегрирање на родовата перспектива и анализа за меѓуопштинската соработка, со што се обезбедува сеопфатна практична поддршка за општините и јавните комунални претпријатија во планирањето и имплементацијата на одржливи решенија.
Со воведувањето на платформата, се поставува основа за поефикасно, координирано и транспарентно функционирање на регионалниот систем за управување со отпад.

error: