Денеска се одбележува Денот на победата над фашизмот. Со потпишувањето на безусловна капитулација на нацистичка Германија, на 9 мај 1945 година беше ставен крај на Втората светска војна во која учествуваа 61 земја, со вкупно 2,1 милијарда жители или 96 отсто од светското население, војна која однесе повеќе од 50 милиони животи.
Од над 50-те милиони жртви, Советскиот Сојуз со дваесетте милиони жртви е на челното место, Полска со шесте милиони жртви го зазема второто место, а веднаш по неа е Југославија, со милион и седумстотини илјади жртви. Повеќе од 30 милиони жртви беа цивили, a во нацистичките логори беа убиени околу 12,5 милиони луѓе, од нив шест милиони Евреи. Материјалната штета од Втората светска војна само во Европа беше проценета на околу 260 милијарди американски долари.
Македонија за време на Втората светска војна беше на страната на антифашистичката коалиција. Во борбите против фашистичките окупатори, само од вардарскиот дел на Македонија, загинале 33.000 луѓе, вклучувајќи ги и преку 7.000 македонски Евреи, кои беа депортирани во концентрацискиот логор Треблинка, Полска.
Денот на Европа е воспоставен како ден на сеќавање на Декларацијата на францускиот министер за надворешни работи Роберт Шуман во 1950 година, што се смета за прв важен чекор во настанувањето на ЕУ.
Facebook Коментари