ЦЈЗ Охрид со препораки по повод Светскиот ден на срцето

- Здравје
693
По повод 29 септември, Светскиот ден на срцето, ЦЈЗ Охрид препорачува:
Останете свесни за Вашата здравствена состојба, грижете се за Вашето срце додека сте дома:
Потрудете се да ги задржите/стекнете навиките на здраво живеење. За да избегнете стрес и замор:
• Продолжете да практикувате физичка активност, здрава исхрана, соодветна хидратација и квалитетен сон;
• Одржувајте ги социјалните контакти и редовно комуницирајте со Вашето семејство и пријателите;
• Ограничете го пристапот до информации во врска со коронавирусот, времето кое го посветувате на тоа и верувајте само на сигурни и проверени извори;
• Избегнувајте користење на алкохол и дрога како механизми за справување со новонастанатата состојба.
Кардиоваскуларните болести со 17,9 милиони случаи на прерана смрт, остануваат водечка причина за прерана смрт на на глобално ниво, а според проекциите на СЗО, овој број до 2030 ќе се искачи на 23,6 милиони лица.
Во Република Македонија во 2019 година, болестите на циркулаторниот систем со 51,8% учествувале во вкупниот морталитет и се на прво место во структурата на причини за смрт. Како и во целата држава, во последните години, се бележи благо намалување на стапката на морталитет од болести на циркулаторниот систем. Сепак во Охридскиот регион, болестите на циркулаторниот систем, се’ уште заземаат поголемо учество во вкупниот морталитет, споредено со истото ниво на Република Македонија. Исклучок е Вевчани каде овие заболувања учествуваат со 42,3% во вкупниот морталитет.

Науката покажува дека најмалку 80% од сите срцеви болести може да се спречат. Најчести ризик фактори за настанување на КВБ се поврзани со животниот стил: употреба на тутун, физичка неактивност, неправилна исхрана и прекумерна употреба на алкохол, што доведуваат до четири клучни метаболни/физиолошки промени: покачен крвен притисок, прекумерна тежина/дебелина, покачено ниво на шеќер во крвта и покачен холестерол, што водат до кардиоваскуларни заболувања.

Во Република Македонија се спроведуваат мерки со цел превенција на факторите на ризик, навремено препознавање на КВБ, подобрување во лекувањето на секундарно и терциерно ниво, зајакнувајќи го здравствениот систем со кадар, опрема, реконструкција на стари и изградба на нови болнички капацитети и други мерки. Спроведувањето на превентивни мерки и активности со цел унапредување на здравствената состојба на населението е една од законските обврски на секој лекар од превентивната здравствена заштита (Центрите за јавно здравје), како и секој избран (матичен) лекар. Во таа смисла, ИЈЗ и 10-те центри за јавно здравје, како и здравствените домови активно работат на спроведување на кампањи, едукација во училиштата, здравствените установи, и други средини, изработка и дистрибуција на здравствено-едукативен материјал, организирање на акции за бесплатни превентивни преглед, се со цел да се подигне свеста кај граѓаните за грижата за сопственото здравје.

Лицата со кардиоваскуларни заболувања, се со поголем ризик за инфицирање и развој на
компликации од коронавирусот.

Извор: ЦЈЗ Охрид, д-р Даниела Чингоска

Facebook Коментари