Потпишан протоколот за прием на Македонија во НАТО

- Македонија
789

Во седиштето на НАТО во Брисел на свечена церемонија денеска беше  потпишан пристапниот протокол за Македонија како 30-та членка на НАТО.

Протоколот за членството на Македонија во НАТО го потпишаа Амбасадорите на 29 земји членки на Северно-атлантската алијанса.

На чинот на потпишување, присуствуваше Министерот за надворешни работи, Никола Димитров

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, истакна дека премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас покажаа голема храброст со постигнувањето на Договорот од Преспа, со што придонесоа и за стабилноста и безбедноста на регионот.

„Тоа беше тежок пат, исполнет со компромиси. Долго време Ве чекавме да ни се приклучите во семејството. Учествувате во мисиите на НАТО и ги исполнивте реформите потребни за да станете 30-та членка на НАТО. По потпишувањето следува процесот на ратификација и не се сомневаме дека ќе биде ратификуван во сите држави членки“ – рече Столтенберг.

– Ова беше долго патување. Македонија наскоро ќе биде Северна Македонија, тоа е прашање на денови. Докажавме дека можеме да ги решаваме проблемите со кои се соочуваме. Ова ќе испрати смирувачка порака во регионот во кој сѐ уште има неизвесност. Ние сме подготвени, ние сме тука, ќе ги преземеме одговорностите што следуваат со членството во НАТО. Се надевам на ефикасно спроведување на ратификацијата, истакна Димитров.

По денешното потпишување на пристапниот протокол, почнува процесот на ратификација на истиот од страна на парламентите на сите земји членки на НАТО.

 

 

Facebook Коментари