Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев денеска присуствуваше и се обрати на настан организиран од Царинската Управа на Република Северна Македонија по повод пуштањето во употреба на царинскиот терминал на граничниот премин Ќафасан.
Заев во своето обраќање истакна дека вложувањето во развој на инфраструктурата во земјата е еден од приоритетите на оваа Влада, а во остварувањето на овој приоритет од огромна помош е поддршката на Европската унија, особено ИПА фондовите.
„Денешниот настан – ставање во употреба на надградениот и осовремен граничен премин Ќафасан, е повторно во насока на подобрување на поврзувањето. Се наоѓаме на еден од најфреквентните гранични премини во земјава на коридорот 8, преку кој годишно минуваат стотици илјади превозни средства и патници во и од Република Северна Македонија.
Овој нов терминал ќе придонесе за зголемување на пропусната моќ на преминот за стокови пратки, за намалување на времето потребно за вршење на гранични формалности и значително ќе ја подобри инфраструктурата за примена на современи средства за инспекција. Убедени сме дека со неговото ставање во функција, ќе се забрза движењето на стоковиот сообраќај кој последните години бележи постојан раст од просечно 10 до 15 % годишно.“-рече Заев
Тој додаде дека со овој граничен премин ќе се забрза и олесни стоковата размена преку најфреквентниот граничен премин кон Република Албанија, а истовремено се обезбедени дополнителни инвестиции со кои ќе се олесни и забрза транспортот долж паневропскиот Коридор 8.
Премиерот информираше дека Владата интензивно работи на имплементација на решението за заедничко управување на граничните и царински контроли со едно застанување „OneStopShop“, за уште повеќе да се намали времето на чекање на превозниците, со што ќе се намалат трошоците на економските оператори.
Oсвен Заев, на отворањето присуствуваа и Амбасадорот на ЕУ во Македонија Самуел Жбогар, , Ѓоко Танасоски, директор на Царинската управа, Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, градоначалникот на Општина Струга, Рамис Мерко и други функционери.
Strugaonline
Facebook Коментари