
За време на полицискиот час којшто во сабота и недела ќе почнува од 16:00 часот и ќе трае до 05:00 часот следното утро производствените погони и фабрики го продолжуваат своето производство организирано во смени. Согласно заклучокот од дванаесеттиот состанок на Главниот координативен кризен штаб на Владата на Република Северна Македонија ве известуваме дека работниците во време на забраната за движење ќе може да се упатуваат на своите работни места исклучиво со посебни дозволи за вршење на сменска и ноќна работа. Тоа се истите дозволи коишто се издаваат на образецот усвоен од страна на кризниот штаб, а ги издаваат самите одговорни лица на компанијата.
Овие издадени дозволи од страна на работодавачот не треба да бидат заверени и потврдени од страна на Министерството за внатрешни работи, или надлежното ОВР.
Заштитата на здравјето на работниците е основен услов за заштита на целата економија, а Владата и стопанството имаат иста цел – во овие вонредни услови работењето на компаниите да продолжи, но истовремено да се сочува и јавното здравје.
Затоа апелираме до компаниите коишто работат во смени и за време на полицискиот час да покажат одговорност, да се придржуваат и да ги почитуваат мерките за заштита на работниците во услови на епидемија од КОВИД-19. Инспекциските служби се на терен и ќе го следат почитувањето на препораките:
-Во погоните каде непосредно се врши производниот процес да се лимитира бројот на вработени до таа мера да работниците бидат на растојание од 1,5 до2м.
-Во случај на непосреден контакт со позитивен лабораториски потврден случај на КОВИД-19 (со или без симптоми), лицето веднаш да се изолира и се пријавува до надлежен Центар за јавно здравје.
-Да се избегнува контакт на вработените лица од погоните меѓу себе во текот на работниот процес, а особено со административните службеници.
-Лицата задолжени за обезбедување на објектот да носат исто така лична заштитна опрема.
– Возачите кои дистрибуираат готови производи, репроматеријали, хартиени документи, исто така да носат лична заштитна опрема.
Facebook Коментари