На денешен ден во 1993 година почина Блаже Конески

- Македонија
680

На денешен ден, 7 декември 1993 година, почина Блаже Конески, еден од најистакнатите македонски културни дејци, академик, писател, поет, научник, чие творечко истражување даде неодминливи резултати во македонската книжевност во областа на културната историја на македонскиот народ.

Блаже Конески е роден на 19 декември 1921 година во с. Небрегово (Прилепско).

Основното образование го започнал во Небрегово, но по преселбата го продолжил и завршил во Прилеп, каде завршил и нижа гимназија. Како најдобар ученик во училиштето како стипендист оди во Крагуевац, да учи виша гимназија која ја завршува. По завршувањето на гимназијата во Крагуевац, се запишува на Медицинскиот факултет во Белград, но после еден семестар следи студии по филологија, а по капитулацијата на Кралството Југославија, на Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“ продолжува да студира филологија.

Koнески активно се вклучил  во стандардизирањето на македонскиот јазик и ја изработува граматиката на современиот македонски јазик. Го составил и правописот на македонскиот литературен јазик, а исто така бил уредник на „Речникот на македонскиот јазик“.

Конески е основач на студиите по македонистика на Скопскиот универзитет. А во периодот од 1958 до 1963 бил ректор на универзитетот.

Во 1967 станува член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) и е нејзин прв претседател (до 1975). Исто така бил член на Македонскиот ПЕН центар и еден од основачите на Друштвото на писателите на Македонија во 1947 година и негов прв претседател.

Работел и како уредник на литературните списанија „Нов ден“ и „Македонски јазик“.

 

Facebook Коментари