,,Сѐ што е црвено е добро?“-Изложба на Ива Станковска во Струга

- Локални
1429

Вечерва во 20:00 часот во Центарот за култура ,,Браќа Миладиновци“ во Струга ќе биде отворена изложбата ,,Сѐ што е црвено е добро?“ од Ива Станковска.

-Во еден отворен концепт Ива Станковска веднаш ни поставува прашање. Си поставува прашање. Создавајќи сопствен, автентичен дискурс на отпор и бунтовност, таа не воведува и води во нејзините фази на девојка-јунак која тргнала во емотивна авантура и сопствен ритуал. Така низ интимна опсервација на, за нејзе битни предмети и семејни истории се поигрува со сеќавањата и деструкцијата ја претвора во симболичен омаж на семејството. Преку уметноста ги испишува чувствата. Процесот и начинот на создавање за авторката е суштествен, како нејзин начин на чистење на духот. Таа ги влечка и фрла платната, како бунтовник кој сака јако да врисне и да го повика ,,субјектот” на лутината. Моќта која ја имаат зборовите, овде, кај Ива, ја имаат формите и бојата, во случајов црвената. …- вели Дијана Томиќ Радевска, мултимедијален уметник.

Ива Станковска е дипломиран сликар на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Таа е една од најактивните млади сликари во Скопје. Има изработено стотици и стотици дела за само неколку години (вклучувајќи ги и 300-те дела што ги изработи за време на нејзината 4-та година на факултет). Исто така, има учествувано во голем број групни и самостојни изложби и колаборативни проекти. Нејзиниот најнов соло-проект се вика „New plague, new studio, new rules“, додека нејзиниот најнов колаборативен проект е инсталацијата „Дијалог во карантин“, креиран заедно со Ана Трајковска. Во Струга ни се претставува со делото “Се што е црвено е добро?”

Љубителите на уметноста во Струга освен на вечерашното отворање, нејзините дела ќе можат да ги погледнат во следниве седум дена.

Strugaonline

Facebook Коментари