Струшката група ,,Зарина“ ја промовира новата песна насловена како ,,Песна за Струга“.
Од групата информираат дека станува збор за песна посветена на нашиот град што пред триесеттина година ја напишал музичарот Ѓорги Мандоски, а дури сега е прв пат отпеана и ставена на носач на звук.
,,Чест ни е што нашиот пријател Мандоски ни ја подари оваа песна. Напишана е со многу љубов пред триесеттина години, а публиката може да ја слушне сега. И преку спотот што го изработивме ги доловуваме убавините на Струга. Песна посветена на ова убаво гратче немало од многу одамна, уште од ,,Дрим тече среде Струга“ – вели за Strugaonline Стефан Богатиноски, член на Групата ,,Зарина“.
Аранжманoт e дело на Тони Арслан, Група Зарина и Гоце Цоцески. Аудиото и мастерингот ги изработи Гоце Цоцески, а спотот е дело на Зебра продукција од Охрид.
Група ,,Зарина“ периодов собира староградски струшки песни што многу одамна се пееле на струшките плажи, а со овој проект ќе бидат професионално испеани и ставени на албум.
Strugaonline
Facebook Коментари