„Секој слушна за Еразмус+” во Вевчани: Високи европски и национални претставници на настанот за регионална размена на добри практики
Во рамките на активностите за промоција на европските вредности и можностите што ги нуди програмата Еразмус+, на 28 септември (понеделник) 2026 година, со почеток во 10 часот, во просториите на ОУ „Страшо Пинџур” во Вевчани ќе се одржи пригоден информативно-културен настан под мотото „Секој слушна за Еразмус+”.
На настанот ќе присуствуваат директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, м-р Ана Михајлов, како и претставници на Делегацијата на Европската Унија (ДЕУ) предводени од евроамбасадорот Михалис Рокас.
Нивното присуство ја нагласува важноста од децентрализирањето на европските можности и поттикнувањето на руралните и помалите општини кон активно вклучување во образовните мобилности.Со оглед на тоа што ниту основното училиште, ниту локалната градинка ЈУДГ „Планински Цвет” од Вевчани сè уште не се активни корисници на Еразмус+ програмата, главната цел на овој настан е непосредно запознавање на локалните образовни институции, наставниците и јавноста со огромните придобивки, искуства и можности кои ги нуди Еразмус+ програмата.
На настанот најавија присуство и раководствата и наставничките кадри од домаќините – ОУ „Страшо Пинџур” и ЈУДГ „Планински Цвет” од Вевчани, градоначалникот на Општина Вевчани, како и истакнати гости и претставници од соседните образовни институции од Охридско-струшкиот регион.
Настанот ќе биде збогатен со пригодна културно-уметничка програма инспирирана од богатата традиција на овој крај, која опфаќа изведба на химната „Ода на радоста” од училишниот хор, изведба на традиционално вевчанско оро во автентични носии и песни, како и дегустација на автентични традиционални гастро-специјалитети.
StrugaOnline

