Лев банер Десен банер

Градоначалникот на Струга Менди Ќура дел од владината делегација на средби со УНЕСКО во Париз

Градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќура, како дел од владината делегација, учествува на дводневната работна посета во Париз, каде што се реализираат средби со високи претставници на УНЕСКО.

Владината делегација ја сочинуваат заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, министерот за култура и туризам Зоран Љутков, министерот за животна средина и просторно планирање Муамет Хоџа, градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков, како и градоначалникот на Струга Менди Ќура, кој активно ги застапува интересите на Струга и поширокиот Охридски регион.

Во рамки на посетата и средбите со претставниците на УНЕСКО, се потенцираат цврстите заложби на Владата и локалната самоуправа за зачувување на статусот на Охридскиот регион како природно и културно наследство под заштита на УНЕСКО. Посебен акцент се става на воспоставувањето функционален систем за заштита кој ќе го гарантира интегритетот и автентичноста на регионот како исклучителна универзална вредност.

Дополнително, на состаноците се разгледуваат преземените мерки и активности на надлежните институции, вклучително и Општина Струга, за целосна имплементација на препораките од реактивните мисии на УНЕСКО од 2020 и 2024 година, како и на Стратегискиот план за рехабилитација на регионот.

Во рамки на посетата се планирани работни средби со Ернесто Отоне, помошник генерален директор на УНЕСКО за култура, како и со високи претставници на организацијата, меѓу кои Кондкер Мохамад Талха, претседател на 43-та сесија на Генералната конференција на УНЕСКО. За утре е најавена средба и со Насер Бин Хамад Ал Хинзаб, претседател на Извршниот одбор на УНЕСКО, како и со Калед Ел-Енани, генерален директор на УНЕСКО.

StrugaOnline

error: