Менди Ќура: Состојбата со водата во Шум е катастрофална, ќе има одговорност за виновниците
На денешната вонредна седница на Советот, градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќура, поднесе извештај за преземените активности во врска со актуелната состојба со водата за пиење во селото Шум, оценувајќи дека ситуацијата е сериозна и бара итна интервенција.
Во своето обраќање, тој посочи дека според експертските анализи, причините за настанатата состојба се резултат на два главни фактори – природниот фактор и човечкиот фактор.
„Природните фактори, особено земјотресите, можат да предизвикаат проблеми, како што сме имале и претходно. Но, според експертите и според визуелната опсервација на терен, човечкиот фактор се покажува како главен причинител“, истакна Ќура.
Градоначалникот информираше дека веднаш по појавата на загадувањето, заедно со поранешниот директор на ЈП „Водовод и канализација“, биле преземени повеќе конкретни чекори. Поднесени се пријави до Здравствениот и Санитарниот инспекторат, до инспекциските служби на Општината, како и до полицијата и Обвинителството.
Активностите на компаниите што вршеле ископувања биле запрени, а за случајот биле известени и жителите на Шум и Заграчани, како и медиумите. Дополнително, била ангажирана приватната компанија „Geo Ing“ за стручна анализа на состојбата.
Според градоначалникот, доброволно се вклучил и професорот Пеливаноски заедно со колеги од Градежен факултет – Скопје, при што по извршениот увид на лице место било заклучено дека состојбата е „катастрофална“.
Ќура нагласи дека на терен се евидентни длабоки ископувања извршени од две компании во изминатите години, кои, според досегашните сознанија, најверојатно се главната причина за настанатата штета. Дополнително, како што рече, не биле преземени мерки за заштита на природниот ресурс.
Тој посочи на, како што рече, сериозни институционални пропусти, меѓу кои и издавање дозволи за ископувања во чувствителна зона, како и непостоење на задолжителна заштитна зона од еден километар околу изворот. Според стандардите, таа треба да биде поделена во три појаси – од 300 метри, 600 метри и до еден километар – при што најблиската зона не смее да дозволува никакви ископувања или движење.
„Оваа зона требало да биде оградена и физички заштитена. За жал, поранешните раководители и надлежните институции не покажале интерес за заштита на овој витален извор“, истакна градоначалникот.
Градоначалникот порача дека покрај итните мерки за санација, ќе се бара и кривична одговорност за сите кои придонеле кон оштетување на екосистемот и загадување на водата.
„Оние што прашуваат кој е виновен, одговорот го имаат самите – тоа се оние што дале дозволи да се оштети овој екосистем. Фактите се таму. Штетата се предизвикувала со години, а нам ни останува да ја санираме оваа состојба“, нагласи Ќура.
Од Општина Струга најавуваат дека јавноста ќе биде редовно информирана за понатамошните чекори и мерки што ќе се преземат за надминување на состојбата и заштита на здравјето на граѓаните.
StrugaOnline

