Туристичките потенцијали на Струга презентирани на меѓународниот саем за туризам „Belgrade Tourism Fair 2026“ во Белград
Општина Струга вчера официјално го започна своето претставување на Belgrade Tourism Fair 2026, кој се одржува во просториите на Belgrade Fair во Белград.
Уште од првиот ден, штандот на Струга привлече големо внимание од посетители, туристички професионалци, тур-оператори и претставници од регионалниот и меѓународниот пазар. Преку промотивни материјали, презентации и директни средби, се претставуваат природните убавини, културното наследство и туристичките потенцијали на градот.
Од Општина Струга истакнуваат дека учеството на саемот е дел од континуираните напори за унапредување на туристичката промоција надвор од границите на државата.
„Belgrade Tourism Fair претставува одлична можност за директна промоција на туристичките потенцијали на Струга пред регионалната и меѓународната јавност. Нашата цел е да ја зајакнеме соработката со тур-оператори и партнери, да привлечеме нови посетители и да создадеме дополнителни можности за развој на локалната туристичка економија. Струга има што да понуди – од природни убавини и богато културно наследство, до препознатливо гостопримство“, велат од Општината.
Со своето присуство на саемот, Струга испраќа јасна порака дека останува посветена на стратешка и современа промоција, со цел позиционирање како атрактивна и конкурентна туристичка дестинација на регионалната мапа.
StrugaOnline

